По повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците упатува честитка до сите граѓани на РС Македонија.
– Овој ден претставува потсетник на историскиот момент кој ја обликува патеката на нашето општество изминативе години, Охридскиот рамковен договор не го означи само крајот на конфликтот, туку го постави патот кон градење општество засновано врз рамноправност, почитување на различностите и заедничка визија за иднината.
Министерството за односи меѓу заедниците останува посветено на спроведувањето и унапредувањето на принципите утврдени со договорот – заштита на правата на заедниците, унапредување на меѓуетничките односи, јакнење на културната кохезија и промоција на вредностите на заедничкиот живот.
Денешната годишнина е потсетник дека заедничкиот живот не се гради само преку законски решенија, туку, пред сè, преку луѓето – со разбирање, почитување и заедничка посветеност. Мирот не се одржува сам од себе, но се подразбира во секојдневното делување. Тоа се вредности што треба постојано да ги негуваме – со секојдневна практика, конкретни политики, заедничка одговорност и со верба дека заедно сме посилни, подобри и поблиску до она што сакаме да го наречеме вистинска демократија.
Министерството ги охрабрува сите чинители – институциите, граѓанскиот сектор, академската заедница и граѓаните – да продолжат активно да придонесуваат во реализацијата на целите на договорот, како темел за стабилна, демократска и европска иднина на нашата држава. Затоа оваа годишнина нека не биде само потсетник на минатото, туку и поттик за иднината која ја споделуваме – еднакво, достоинствено и со заедничка визија, вели во честитката вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.