За Министерството

Со цел имплементирање на Охридскиот рамковен договор, документ со кој беше запрен конфликтот во 2001 година, што донесе мир и изгради демократска, мултиетничка Македонија со еднакви граѓани, во 2004 Владата на Република Македонија година го формираше Секторот за спроведување на Рамковниот договор. Овој сектор во 2008 година беше трансформиран во Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор на Владата на Република Македонија имаше задача целосно да го спроведе Охридскиот рамковен договор, како и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Рамковниот договор. Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор првично го водеше Имер Селмани, кадар на ДПА, во тоа време дел од владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По Селмани функцијата ја презеде Имер Алиу, исто така, кадар на ДПА.

По предвремените парламентарни избори во 2008 година на чело на Секретаријатот дојде Абдилаќим Адеми, кој беше назначен за вицепремиер по предлог на ДУИ. На оваа функција се задржа до 2011 година кога по предвремените парламентарни избори, ДУИ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор го назначија Муса Џафери. На оваа функција Џафери се задржа околу пет години, односно до април 2016 година кога ДУИ смени дел од своите функционери. На местото на Муса Џафери доаѓа Фестим Халили. По формирањето на новата Влада, предводена од првиот човек на СДСМ Зоран Заев, за оваа функција е избран Хазби Лика.

Во март 2019 година е укинат Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Собранието усвои два закони со кои се формира Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а прв го водеше Садула Дураки од ДУИ. По него на оваа позиција доаѓа сопартиецот Артан Груби, кој на оваа функција остана сѐ до 2024 година.

Со неодамнешните измени на Законот за организација на органите на државната управа, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се трансформира во Министерство за односи меѓу заедниците, кое од 24 јуни 2024 година го води Иван Стоилковиќ, кој истовремено е и заменик-претседател во Владата на РС Македонија.

Во состав на Министерството за односи меѓу заедниците се:

- Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и

- Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија

 

Цели и надлежности:

  • Обезбедување и координација на поддршка на Владата во реализација на стратешкиот приоритет поврзан со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договор
  • Обезбедување и реализација на финансиски средства потребни за успешно одвивање на процесот на реализација на обврските кои произлегуваат од Рамковниот договор во рамките на Буџетот на Република Северна Македонија и од донаторите
  • Обезбедување на координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на Рамковниот договор
  • Унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците како група на државјани на Република Северна Македонија, а кои традиционално живеат на територијата на Република Северна Македонија, при што нејзините припадници имаат различни етнички, јазични, културни, религиозни или други особености и ги води желбата за заштита и негување на тие особености
  • Следење на спроведувањето на правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците

    Гарантирање на заштитата на етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на заедниците

    Други прашања што се однесуваат на односите меѓу заедниците

  • Меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на односите меѓу заедниците

    Промовирање и преземање на мерки за унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Северна Македонија

  • Следење на состојбата во односите помеѓу заедниците во Република Северна Македонија на национално ниво, по региони и во единиците на локалната самоуправа и изготвување извештаи и препораки до Владата на Република Северна Македонија, како и до Комитетот за односи меѓу заедниците
  • Давање на стручни мислења по материјалите кои се во функција на спроведување и унапредување на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Северна Македонија
  • Давање на поддршка на Владата во обезбедување на правичната и соодветната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната управа
  • Давање на поддршка во подготвувањето на методологија за донесување на акциони планови на Владата во областа на правичната застапеност при вработувањето и врши и други работи утврдени со закон.

 

Мисија

Креирање на политики со цел непречено спроведување на Охридскиот рамковен договор, гарантирање и заштита на правата на етничките заедници, унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности, подигање на свеста за важноста и потребата од почитување на диверзитетите на културните изразувања.

 

Визија

Ефективно и целосно спроведен Охридски рамковен договор како основа за гарантирање на стабилноста на државата во која се промовира мирен и хармоничен развој на општеството со почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите нејзини граѓани, истрајни во градење и јакнење на мултикултурната кохезија и промоција на мултикултурните вредности.

 

Мени за пристапност