По повод одбележувањето 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, на централното чествување во црквата „Свети Спас“ во Скопје свежо цвеќе положи и делегација на Демократската партија на Србите во Македонија, предводена од заменик-претседателот и министер во Владата на РСМ Иван Стоилковиќ.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен во селото Баница, на пат кон Сер. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Денешната панихида во чест на Делчев ја предводеше, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.