Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ присуствуваше на Српската вечер одржана во рамки на фестивалот Охридско лето, во чии рамки настапија реномираните српски уметници – мецосопранот Љубица Вранеш и басот Драгољуб Бајиќ, придружувани од пијанистот Миливоје Вељиќ.
Извонредните гласови на Вранеш и Бајиќ одекнаа под сводовите на акустичната црква „Света Софија“, а публиката уживаше во изведбите на познати арии од оперите на Бизе, Гершвин, Верди, Моцарт Сен-Санс, Маскањи, Пучини, како и дела од Пјаф, Елета Алмаран, Ди Куртис, Рота и Ди Капуа за што беа наградени со бурни овации. Прекрасната вечер беше затворена со изведбата на познатата македонска народна песна „Лихнида кајче веслаше“ и со традиционална српска композиција. „Во рамки на Охридското културно лето синоќа во храмот Света Софија се одржа Српска вечер каде истакнатиот српски мецосопран Љубица Вранеш имаше спектакуларен настап. Ми се чини дека веќе подолго време фреските во храмот ги нема помилувано така милозвучен глас“, рече по концертот вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Стоилковиќ.