Центарот за ромска заедница ДРОМ – Куманово успешно го заврши проектот „Мостови на разбирање“, поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците, кој во изминатиот период се реализираше со цел развивање позитивни меѓуетнички односи, поттикнување толеранција и зајакнување на социјалната кохезија меѓу младите.
Проектот ги опфати средношколците од Куманово и Тетово, преку развивање на вонучилишни образовни програми што ја нагласуваат важноста на меѓуетничката комуникација, културната разноличност и заедништвото.
Во рамки на проектот беше потпишан меморандум за соработка помеѓу СОУ „Перо Наков“ – Куманово и СОУ „Ѓоце Стојчевски“ – Тетово, за развивање програма за „пријателски училишта“, со која се поттикна директна соработка меѓу средношколците Македонци, Албанци, Роми, Срби и претставници на други етнички заедници.
Во рамките на програмата за соработка на пријателски мултиетнички училишта, организирана е посета на средношколци од Куманово со средношколци од Тетово, a во склоп на проектот беа опфатени следниве активности:
- Онлајн анкета меѓу средношколците за приоритетите во градењето меѓуетничка толеранција и младинско вмрежување;
- Едукативни работилници за меѓуетничка толеранција и културна разноличност, со цел младите самостојно да иницираат и да се вклучат во проекти за младинска размена и градење социјални врски.
- Организирање на јавен културен настан со мултиетнички карактер на плоштадите во Куманово и Тетово.
Проектот „Мостови на разбирање“ е заокружен со завршен настан со богата културно-уметничка програма, на која меѓудругото имаше и видеопрезентација од реализираните активности, музичка и балетска точка, модна ревија, а на крајот од настанот беа доделени и сертификати за најуспешните учесници во креативниот дел од проектот.
Со оваа иницијатива, Центарот за ромска заедница ДРОМ уште еднаш ја потврди својата посветеност кон градење на општество на еднаквост, разбирање и почитување на различностите, во кое младите претставуваат мост меѓу заедниците и двигател на позитивните промени.