Културно-уметничкото друштво „Јени Јол“ успешно го реализираше завршниот настан во рамките на проектот „Мали рачиња, големо наследство“, поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците. Проектот има за цел да им овозможи на децата од различни етнички заедници подобро да го запознаат своето културно наследство, да ја зајакнат општествената кохезија и да придонесат во борбата против дискриминацијата, поттикнувајќи свест за еднаквост и човекови права.
Во текот на проектот, децата се вклучија во низа активности преку кои ја откриваа богатата културна разноликост на Македонија и се стекнаа со нови знаења и пријателства. На завршниот настан тие ги презентираа своите истражувања и творби, станувајќи вистински мали културни амбасадори.
Главните активности во рамките на проектот опфатија:
- Културни работилници за традиционална храна, музика, народни игри, фолклор и традиционални носии на различни етнички групи;
- Едукативни интерактивни работилници за детски права, дискриминација и еднаквост;
- Собирање и раскажување на семејни приказни поврзани со културното наследство;
- Работилница за мали културни амбасадори, на која децата ги презентираа своите истражувања преку постери и креативни изработки;
- Доделување значки за културни амбасадори како симбол на нивниот придонес во зачувувањето на културната разновидност.
Со проектот „Мали рачиња, големо наследство“, КУД „Јени Јол“ придонесува кон унапредување и зачувување на културната традиција на помалубројните етнички заедници во нашата земја, но и кон поттикнување на меѓусебно разбирање и соживот. Преку културата и традицијата, децата учат да ги почитуваат различностите и да станат активни чинители во градењето општество без предрасуди и дискриминација.
Со вакви иницијативи, се создава можност целокупното македонско општество подобро да се запознае со културата и идентитетот на помалубројните етнички заедници, поттикнувајќи вистински меѓуетнички соживот, еднаквост и почитување.