Средби со потпретседателот и министер за финансии на Р Србија Мали и министерката Ѓедовиќ-Хандановиќ

Средби со потпретседателот и министер за финансии на Р Србија Мали и министерката Ѓедовиќ-Хандановиќ

Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска остварија средба со првиот потпретседател на Владата на Република Србија и министер за финансии Синиша Мали со цел унапредување на економските односи и соработката меѓу двете земји.

Соговорниците разговараа за капиталните проекти кои се значајни за соработката во регионот, а особено се осврнаа на важноста од изградбата на гасниот интерконектор, како и на брзата пруга до Скопје, но и на сето она што може да го подигне квалитетот на животот на граѓаните и да придонесе за понатамошен економски раст и развој на регионот.

„Во споредба во 2012 година, кога бевме на работ на банкрот, денес сме најдоминантна економија во регионот и благодарение на Експо ќе се позиционираме уште подобро. Продолжуваме да остваруваме добри макроекономски резултати, а во првата половина од годината бевме најбрзо растечка економија во Европа, додека во вториот квартал забележавме рекордно висока стапка на вработеност од 51,4%. Србија денеска е чекор поблиску до инвестицискиот рејтинг кој го очекуваме во наредните месеци“, изјави првиот вицепремиер Мали.

Стоилковиќ, Николоски и Мали посебно се осврнаа на организацијата на специјализираната изложба ЕКСПО 2027, за која првиот потпретседател на Владата на Србија истакна дека е еден од најголемите успеси на Србија и дека претставува најголема развојна можност во наредниот период за целиот регион.

Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ изрази задоволство од зајакнувањето на соработката меѓу двете земји и повтори дека Северна Македонија е заинтересирана за соработка со Србија во сите сегменти кои се важни за развојот на целиот регион. Особено ја истакна важноста од учеството на македонското стопанство во реализацијата на Експо 2027, но и претставувањето на изложбата.

По средбата со првиот потпретседател на Владата на Република Србија и министер за финансии Синиша Мали, македонската делегација се сретна и со министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.

Ѓедовиќ-Хандановиќ го честиташе формирањето на новата Влада и истакна дека очекува продолжување на добрата соработка во енергетскиот и рударскиот сектор, како и во реализацијата на заедничките проекти, меѓу кои е изградбата на гасната интерконекција Србија-Северна Македонија, со која Србија продолжува да ги диверзифицира изворите и рутите за снабдување со природен гас.

Министерката потсети дека двете земји имаат добра соработка и во рамки на Енергетската заедница со оглед на сличниот енергетски микс и предизвиците со кои се соочуваат и дека очекува таа соработка да продолжи.

По средбите во Владата на Р Србија потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ на покана на првиот потпретседател на Владата на Р Србија и министер за финансии Синиша Мали ја посети локацијата каде до 2027 година ќе биде подигнат комплексот во кој во рамки на ЕКСПО 2027 ќе бидат претставени повеќе од 120 земји, со што се заокружи дводневната посета на Р Србија од страна на македонската делегација. 

Мени за пристапност