Со завршната конференција – „Форум на помалите заедници“, Институтот за социјална промена ИнСок го заокружи проектот „Од предрасуди до пријателства: Локални иницијативи за инклузивно општество“, поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците.
Проектот се реализираше во текот на четири месеци, во пет повеќенационални општини ширум државата, вклучувајќи повеќе од 500 млади луѓе, 50 претставници на заедниците и 20 граѓански организации. Активностите беа насочени кон зајакнување на меѓуетничката толеранција, промовирање на социјална кохезија и поттикнување на активно учество на младите во градењето на инклузивно општество.
Проектот се заснова на холистички пристап што ги комбинира образованието, јавните политики и граѓанскиот активизам, при што се поттикнуваат локални иницијативи и дијалог меѓу различните етнички заедници.
Во рамките на проектот беа реализирани бројни активности, меѓу кои:
- Анализа на правната рамка за меѓуетничка инклузија;
- Обуки за граѓански активизам на млади од различни заедници;
- Креативна кампања против стереотипи преку организирање на конкурси (постери, видеа, есеи) за подигнување на јавната свест;
- Дебати со ученици и студенти на тема мултикултурализам и толеранција;
- Форум на помалите заедници – завршен настан за размена на искуства и идеи за идни чекори.
Форумот во кој учество зеде и г. Владимир Стојановиќ, државен секретар во Министерството за односи меѓу заедниците, а кој зборуваше на тема – Што досега направивме за немнозинските заедници, овозможи и отворена дискусија меѓу претставници на институции, граѓански организации, локални заедници и млади, со цел идентификување на заеднички приоритети и модели за понатамошно унапредување на соживотот.
Со успешната реализација на проектот „Од предрасуди до пријателства“, ИнСок уште еднаш ја потврди својата мисија да придонесува за општество засновано на инклузија, разбирање и соработка меѓу сите заедници, како и преку промоција на едукативни програми, зголемени можности за дијалог и вклучување во заеднички граѓански иницијативи да се намалат стереотипите и предрасудите.