Со мултикулти поетска вечер и изложба почнаа активностите од проектот „Денови на влашката култура“

Со мултикулти поетска вечер и изложба почнаа активностите од проектот „Денови на влашката култура“

Влашкото Здружение за права и хуманост Интегра нау од Скопје во рамки на проектот „Денови на влашката култура“ почнувајќи од викендов организира низа активности, кои се значајна можност за афирмација на богатото културно наследство на влашката заедница како дел од мозаикот на етнички и културни идентитети кои ја сочинуваат современата мултиетничка реалност на нашето општество.

„Денови на влашката култура“ е проект поддржан и финансиран од Министерството за односи меѓу заедниците, а предвидени се вкупно шест активности, и тоа: Мултикулти поетска вечер, Детски културни смотри и четири Изложби со стари фотографии од животот на Власите, предмети од минатото, како и носии од различни кареви во земјава. Изложбата освен во Скопје ќе биде презентирана и во Битола, Крушево и Штип, односно градовите каде што има најголема концентрација на Власи.

Мултикулти поетската вечер што се одржа вчеравечер, а на која свое обраќање имаше и државниот секретар во МОЗ, г. Владимир Стојановиќ, беше значајна можност за афирмација на богатото културно наследство на влашката заедница, додека во рамки на изложбата „Сликите сведочат“ отворена вечерва присутните имаа можност да погледнат вкупно 64 стари фотографии кои визуелно прикажуваат сегменти од животот на Власите: Грамостеањ, Фаршироц и Москопољеањ, од нивните различни животни активности: работа со стока, домашни работи, веселби, собири по различни поводи.

Фотографиите во најголема мера датираат од почетокот на минатиот век, односно од 1900 до 1940,  но има и неколку постари фотографии од крајот на 19 век. Дел од изложбата се и предмети кои Власите ги користеле во минатото, како и влашки носии од различни краеви на Македонија односно, од источниот дел на земјата:  Штип, Св. Николе, Велес, Куманово, но и градски носии од Битола и Крушево. Исто така, изложени се и поделикатни платна кои се користеле за покривање на лебот во периодот на стасување и носење за печење во фурна, како и за чување на испечениот леб.

Освен тоа изложена е и литература за Власите која е дел од богатата архива на НУБ “Свети Климент Охридски”. Исто така, гостите имаа можност да проследат и неколку видео интервјуа со млади Власи кои зборуваа за состојбата и перспективата на влашкиот јазик.

Мени за пристапност