Отпочнува изработката на „Стратегијата за развој на интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032“ со Акциски план

Отпочнува изработката на „Стратегијата за развој на интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032“ со Акциски план

Претставници на Министерството за односи меѓу заедниците, предводени од државниот секретар Владимир Стојановиќ денеска остварија средба со претставници од Канцеларијата на Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ, по повод отпочнувањето на изработката на „Стратегијата за развој на интеркултурализам и општествена кохезија 2027–2032“ со Акциски план. Изработката на Стратегијата се реализира согласно заклучок донесен на 129. седница на Владата на РС Македонија.

Процесот ќе се спроведува во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците, со значајна поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на Високиот комесар за национални малцинства, со што се обезбедуваат услови за квалитетна и навремена реализација на предвидените активности.

Изработката ќе се одвива во две фази. Во првата фаза, Министерството за односи меѓу заедниците ќе формира меѓуинституционални кластерски работни групи, кои ќе подготват извештај за степенот на реализација на актуелната стратегија (2024–2026), врз основа на пет кластери: институции, образование, медиуми, општествена кохезија и интеркултурни политики. За таа цел, Министерството веќе назначи лица задолжени за подготовка на извештаите, а до надлежните институции се испратени дописи за номинирање претставници во кластерските работни групи. Паралелно, ќе се спроведе проценка на потребите и перцепциите на граѓаните во однос на меѓуетничките односи, преку прашалници, фокус групи и интервјуа, за што ќе биде ангажиран домашен експерт. Активностите од првата фаза се очекува да завршат до крајот на септември 2026 година.

Во втората фаза ќе бидат ангажирани пет домашни експерти (по еден за секој кластер), како и дополнителен главен експерт, кои заедно со работните групи ќе работат на подготовка на финалниот текст на Стратегијата.

Мени за пристапност