Обезбедена современа рехабилитациска опрема за лица со церебрална парализа преку проектот „Еднакви можности за сите“

Обезбедена современа рехабилитациска опрема за лица со церебрална парализа преку проектот „Еднакви можности за сите“

Лицата со церебрална парализа на возраст над 26 години од Скопје и околината добија нова надеж за подобар и поквалитетен живот преку проектот „Еднакви можности за сите – поддршка на лицата со церебрална парализа“, реализиран од здружението Совет на родители на деца и лица со церебрална парализа „Златни ангели“, а поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците.

Проектот има за цел унапредување на еднаквоста и борба против дискриминацијата во сите сфери на општественото живеење, со фокус на обезбедување практична поддршка за лица со попреченост. Неговата реализација вклучи набавка на современа рехабилитациска опрема, која ќе им овозможи на корисниците пристап до редовна физикална терапија.

Опремата вклучува шест различни уреди N6-Multifunctional Stimulator, E5-Multifunctional Foot Massager, NM 200 Tourmanium Projector, Miricle II, HC 1 (eye strip) и NM 30 (neck pillow) со чија помош 35 активни членови на здружението „Златни ангели“, кои не се опфатени со услуги од Фондот за здравствено осигурување, ќе имаат можност за редовна рехабилитација, со што се очекува значително подобрување на нивната физичка состојба и намалување на хроничните болки.

Покрај директната поддршка на лицата со церебрална парализа, проектот предвиде и специјализирана обука за родители и персонални асистенти, со цел правилно користење на опремата и вклучување во процесите на секојдневна грижа. На овој начин се овозможува поголема автономија на семејствата, а истовремено се намалува потребата од чести посети на здравствени установи. Проектот претставува важен чекор кон создавање инклузивна заедница каде лицата со попреченост не се оставени на маргините, туку активно учествуваат во сите сфери на животот.

Мени за пристапност