Во организација на Здружението на стопанственици Власи од Македонија „Мандра“ – Скопје, а со поддршка на Министерството за односи меѓу заедниците, се одржа 7-от Меѓународен фестивал на влашки песни и ора под наслов „Песната нѐ поврзува – 2025“. Фестивалот има за цел да ја зачува, обнови и промовира уникатната култура, јазик, традиција и обичаи на влашката заедница во Македонија и во поширокиот балкански и европски контекст, со што се придонесува кон заштита на ова културно богатство од заборав и исчезнување.
Власите, кои како етничка заедница немаат своја матична држава, живеат раселени низ целиот свет, а нивната присутност е особено изразена на Балканот. И покрај географската оддалеченост, тие го задржале својот јазик и културни вредности. Преку фестивалот, песната и ората се покажаа како најсилен симбол на единство и културна поврзаност меѓу Власите од различни земји.
Фестивалот се одржа во три сегменти, со учество на бројни пејачки групи, фолклорни ансамбли и соло изведувачи од Македонија, Србија, Албанија и Романија. Настанот го отвори пејачката група „Горди Власи“ со изведба на својата химна, по што следуваа поздравни обраќања од Љубица Горгиева, конферансие на фестивалот; раководителот на фестивалот г. Ѓорѓи Ѓоргиев – Џујапи и г. Исмаил Демировиќ, директор на Бирото за култура при Министерството за односи меѓу заедниците, кој и официјално го прогласи фестивалот за отворен.
Организаторите нагласија дека мотивот за организирање на овој меѓународен и традиционален фестивал произлегува од историјата на влашката заедница, особено трагедијата со уништувањето на Влашката метропола Москополе, што довело до раселување на Власите низ Балканот и пошироко. Во таков контекст, песната се смета за универзален јазик кој ги поврзува Власите каде и да се наоѓаат во светот.